Тајландската морнарица соопшти дека се вклучила во акција на спасување откако тајландски товарен брод бил погоден додека пловел низ Ормускиот Проток и се запали.
Таа кажа дека на бродот имало 23 тајландски државјани. Според тајландските власти, морнарицата на Оман спасила 20 члена на посадата и е во процес на спасување на уште тројца.
Бродот бил нападнат неколку часа откако испловил од пристаништето во Калифа во Обединетите Арапски Емирати. Мали штети претрпел и јапонски товарен брод, кој бил погоден од непознат проектил близу брегот на ОАЕ. Посадата е спасена. Уште еден брод, кој пловел под знамето на Маршалови Острови, бил погоден 80 километри од брегот на Дубаи.
Бродскиот сообраќај низ Ормускиот Проток опадна значително откако почнаа американско-израелските напади врз Иран. Низ овој премин поминува една петина од светските испораки на нафта и гас и Доналд Трамп најави дека нема да дозволи да биде блокиран. Досега се потврдени 16 напади врз комерцијални бродови во оваа област.

